Развојот на детското размислување и разбирањето на светот поминува низ различни фази. Жан Пијаже автор на една од највлијателните теории на човековиот развој ни помага да разбереме дека детето не е човек во мало, некој кој едноставно има помалку знаења за светот околу себе од возрасните а со кое треба да завладее за да го приближи своето разбирање за светот со она на возрасните, туку дека детето размислува и учи квалитативно поинаку од возрасните. За да успее во тоа, важно е возрасните околу него да го поттикнуваат неговиот развој и учењето така што ќе создаваат стимулативно опкружување, ќе одговараат на неговите неуморни прашања, ќе даваат објаснувања кој детето може да ги разбере и континуирано ќе му овозможуваат да го осознава светот “поминувајќи му низ неговите раце”. Токму тоа се постулатите кој ги следи Научна кујничка во работата со децата – ги поттикнуваме на размислување и донесување заклучоци, ги инспирираме да се прашуваат, ги мотивираме да ги слушаат објаснувањата и им даваме можност низ стручно водење со свои раце да изведуваат различни практични, за нив атрактивни активности. Активностите во кој се вклучени децата се осмислени така што преку нив децата можат да осознаат за многу комплексни научни поими.

Тим на стручни лица од областа на природните науки, развојна и образовна психологија и дизајн ги осмислува, подготвува и ги реализира практичните активности со децата кој се осмислени така што децата преку нив можат да ги воочат разновидните природни феномени (на пример премин од една во друга агрегатна состојба, својствата на магнетизмот, растворливоста и други особини на супстанциите). Воочувањето е проследено со прилагодени објаснувања и поттикнати прашања низ кој ги наведуваме децата а во согласност со развојните можности сами да носат заклучоци за тоа што го испробале. На крајот децата добиваат и кратки задачи низ кој дополнително преку самостојна домашна активност можат да се потсетат на клучните поими што ги изучувале и да ги утврдат. Во сите активности е вградена игривост бидејќи играта е природно опкружување за децата низ која учат за светот околу себе.
На овој начин децата учат спонтано, низ омилени активности кој им се блиски. Исто така се што учат децата се поврзува со нивните секојдневни искуства за да не го запомнат само тоа со што се занимаваат туку да можат тоа и да го разберат. Бидејќи учењето со разбирање значи да го поврземе тоа што го учиме со тоа што веќе го знаеме и имаме искуство. На крајот, во активностите во Научна кујничка вградивме не само вертикално учење (од предавачот кон децата), туку и хоризонтално – врсничко учење континуирано создавајќи можности децата да учат заедно, едни од други.
Покрај тоа што е најзабележително и веќе споменато – дека децата низ активностите во Научната кујничка усвојуваат различни знаења од областа на природните науки, што им е корисно како во секојдневниот живот така и во учењето во градинката и училиштето, тие од овие активности имаат и разни други придобивки.
Когнитивен развој.
Низ создавање на стимулативно опкружување во кое ги мотивираме децата да размислуваат за тоа што го работат, доведуваат различни поими и феномени во врска со учењето, изведуваат заклучоци, изнесуваат мислења но и аргументи со кој го поткрепуваат мислењето, кај нив го поттикнуваме развојот на мислењето.
Внимание.
Еден од важните предуслови за да можат децата непречено да учат и да се развиваат е да имаат развиено внимание – да бидат во можност целно да се фокусираат на одредена содржина и определено време да останат насочени на неа. Со работилниците кој што траат повеќе од еден час, низ промена на кратки но не и премногу кратки активности, им овозможуваме на децата да го развиваат токму вниманието.
Методи за доаѓање до знаењето.
Еден од исклучително важните аспекти на учењето, кој за жал е многу занемарен во нашиот образовен систем, е дека оној што учи покрај сознанијата до кој дошла науката, учи и за методите со кој се доаѓа до сознанијата кој се применуваат во соодветната наука. Нашиот образовен систем изобилува со прикажување на знаења но децата имаат недоволни можности да научат за тоа како научниците дошле до тие сознанија (со примена на експерименти или со други методи). Работата во Научна кујничка е осмислена така што на почетокот на работилницата со стимулативни прашања децата се поттикнуваат да поставуваат истражувачки прашања а потоа низ стручно водење, низ набљудување и изведување на експерименти да дојдат до одговорите на прашањата. Ова е многу значајно бидејќи овозможува усвојување на продлабочени и долгорочни знаења за разлика од оние знаења кој се само вербални.

Позитивен однос кон учењето.
Една од важните цели во работата со децата е на бранот на нивната природна љубопитност за запознавање на светот околу себе, децата да осознаат дека учењето е забавно и корисно. Ова е исто така една од придобивките на работата во Научна кујничка. Децата низ атрактивни активности учат и добиваат порака дека учењето е забавно дури и возбудливо а знаењето корисно за снаоѓање во светот околу нас. Имајќи ја во предвид важноста на учењето во текот на целиот живот, што е еден од важните аспекти на образованието за 21 век, ова е исклучително важен поттик.
Следење на инструкции.
Важен предуслов за работата во Научна кујничка е децата внимателно да слушаат и да ги следат инструкциите кој ги добиваат за да можат успешно да ги изведуваат експериментите и да се однесуваат во согласност со лабораториските правила. Од првата работилница на тоа многу се инсистира. Следењето на инструкциите и однесување во согласност со правилата е исто така важен дел од воспитно-образовната работа со децата како во формално-образовен контекст (градинка, училиште), така и во други неформални контексти (семејството) што подразбира дека Научна кујничка е на иста задача со родителите, воспитувачите и наставниците.
Координирање со останатите.
Низ групна работа и работа во парови, со што изобилуваат работилниците во Научна кујничка, децата се прилагодуваат своите активности да ги усогласат со активностите на другите членови на групата. Ова е особено важно за помладите членови на групата, кој во иднина треба да завладеат со оваа важна компетенција која ќе им биде потребна како низ различните фази на образование, така и во секојдневниот и професионалниот живот.
Самодоверба.
Кога станува збор за емоционалниот развој, децата од предучилишна и рана училишна возраст имаат силна потреба да се чувствуваат компетентни и да бидат успешни во тоа што го работат. Работата во Научна кујничка е креирана така што секое дете добива соодветна помош и поддршка за да може успешно да ја изведе секоја зададена активност со што успешно се задоволува оваа развојна потреба.
Како што е веќе кажано, Научна кујничка настојува низ активностите кој внимателно ги осмислуваат тим од различни стручњаци, децата да совладаат систем од комплексни научни поими. Станува збор за поими кој ќе ги изучуваат низ формалното образование во различни фази од овој процес (во основното училиште, средното училиште а некој од нив и на факултет). Како што и низ формалното образование овие поими секогаш одново се обработуваат (на повисоко ниво на разбирање во согласност со возраста) бидејќи се комплексни и неможат наеднаш да се разберат, така е неопходно и во Научна кујничка низ различни фази и од различни агли да се разработат и да се учи за нив. Неможеме да очекуваме дека кога децата ќе се запознаат со некој поим за прв пат, ќе можат детално да го објаснат, ниту со него во потполност да владеат, туку дека ќе бидат во можност во соодветен контекст да препознаат за што станува збор и да изведат едноставен заклучок или да донесат соодветна одлука. Истовремено важен долгорочен ефект е дека децата ќе можат да резонираат за тој феномен а не само да го меморираат вербалното објаснување. Ова има важна улога и во подоцнежното учење за природните феномени со тоа што за разлика од формалното образование кое изобилува со вербално знаење со недостаток на практично, поставува важна основа за разбирање на тие вербални знаења.